Изгаснати девет пожари на отворено, во Гевгелија пронајдени неексплодирани гранати

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека имало вкупно 1 975 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, во последното деноноќие. Од нив „реални“ повици биле 55,75%, а 44,25% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 61,47%, кон Итната медицинска помош 24,36%, кон пожарникарите 4,81%, а кон АМСМ 0,29% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Инаку, имало 906 повици за итни случаи на 112 за во ЦУК, што се вкупен збир од тие што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици (9,07%) и на тие што се именувани како „неитни повици“ (44,25%). Сите тие биле предмет на примање, на обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со институции и служби во Системот за управување со кризи (СУК).

ЦУК информира за важна информација за Системот за управување со кризи во нашата држава, што се случи вчера. Конкретно, во просториите на ЦУК, се одржа конституитивна седница на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи на којашто присуствуваа членовите, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за здравство Арбен Таравари, како и раководителот на Група за процена на ризици и опасности и директор на ЦУК, Стојанче Ангелов. На седницата присуствуваше и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски. Со седницата раководеше министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.

Директорот на ЦУК и раководител на групата за процена, Стојанче Ангелов, ги запозна присутните со прогласената, популарано именувана, „мигрантска“ кризна состојба на јужната и северната граница, како и кризната состојба во КПУ „Идризово“. Воедно, Ангелов, даде детална информација за бројот на пожари на отворен простор, штетите од пожарите, начинот на функционирање на системот за гаснење на пожарите како и за ресурси што се на располагање за гаснење пожари на отворено. Инаку, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, заради неодложни обврски не присуствуваше на седницата.

Вчера имаше девет пожари на отворено, сите се изгаснати од пожарникарите и активни нема, утрово. Пожарите на отворено беа во општините: Општина Гази Баба, ул.Зендел Џемаил (горело ѓубре); Карпош, покрај ул.„Скупи“ (горело ѓубре и сува трева); Арачиново, крај стариот пат за Арачиново (сува трева и грмушки); Сарај, с.Копаница (стрниште); Битола, с.Габалавци (ѓубриште); Струга, во реон кон ГП „Ќафасан“ (ѓубриште); Свети Николе, кај с.Горобинци (изгореле грмушки и сува трева, нискостеблеста шума и помошен објект); Општина Кочани, кај с.Облешево (стрниште) и во Општина Куманово, кај населбата „Диво Насеље“ (горела сува трева).