,,Излеговме како победници!” Ким потврди дека му испратил војска на Путин: Северна Кореја објави дека вооружените сили учествувале во „ослободувањето на окупираните области на Курск“
Северна Кореја за првпат потврди дека испратила сили во Русија, јави денеска агенцијата КЦНА, наведувајќи дека нејзините војници и помогнале на Москва да ги врати областите од руската област Курск кои со месеци беа под украинска контрола.
КЦНА наведе дека „подединиците на вооружените сили на Северна Кореја учествувале во операциите за ослободување на окупираните области на Курск“ и додаде дека воените напори на тие војници „завршиле победнички“.
„Оние кои се бореа за правда се сите херои и претставници на честа на татковината“, изјави севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун.
Тој додаде дека во Пјонгјанг наскоро ќе биде подигнат споменик во чест на „подвизите на битката“.
Украина, Јужна Кореја и западните земји веќе неколку месеци го осудуваат учеството на неколку илјади севернокорејски војници во борбите, додека Москва и Пјонгјанг секогаш одбиваат да го признаат.
Русија и Северна Кореја потпишаа договор за заедничко стратешко партнерство во јуни 2024 година, кој предвидува „взаемна“ воена помош во случај на напад врз која било земја.
Таа прва севернокорејска потврда за распоредувањето сили во Русија доаѓа откако Москва во саботата објави дека целосно ја вратила контролата над пограничниот регион Курск, а Киев ги нарече тие информации „лажни и пропагандни“.