Измените на КЗ го спасија Јанакиески, Обвинителството се откажа од гонење поради застареност

На првата главна расправа во Основниот кривичен Скопје за случајот „Топлик“, откако Апелација го врати предметот на повторно судење, јавниот обвинител се откажа од понатамошно гонење на обвинетите поради импликациите од неодамнешните контроверзни измени на Кривичниот законик.

Предметот „Топлик“ се однесува на продажба на градежно земјиште за изградба на резиденцијалната населба Сончев Град во Сопиште, а во кој првообвинет беше ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Како што соопштија денеска од скопскиот Кривичен суд, јавниот обвинител на денешното рочиште извршил преквалификација на кривичното дело кое им се ставаше на товар на обвинетите од ставот 5 од членот 353 од Кривичниот законик во став 4 од истиот член.

Инаку, членот 353 со измените на Кривичниот законик доживеа суштински измени, беа намалени и предвидените казни, воведена е горна граница, а дел од ставовите беа избришани.