– Израелската армија објави дека нејзините копнени трупи го ставиле под опсада Хан Јунис, најголема населба во јужниот дел на Појасот Газа.
Во последните денови израелската армија ги засили нападите врз градот Хан Јунис, за кој претходно тврдеше дека е „безбеден регион“, а на почетокот на минатиот месец го прогласи за „воена зона“.
Хан Јунис во последните денови беше цел на жестоки израелски напади од копно, воздух и море.
„Израелските сили извршија големи напади во последните 24 часа, а Хан Јунис е опколен со копнени трупи“, се вели во соопштението на израелската војска.
Хан Јунис, исто така, беше засолниште за десетици илјади Палестинци кои побегнаа од северот на Појасот Газа во последните месеци. Сега повторно се принудени да бараат побезбедно место и се упатиле на југ кон градот Рафах.
А Рафа веќе е средиште на хуманитарна криза предизвикана од приливот на бегалци од север, па во моментов има 1,2 милиони жители, што е четирипати повеќе од населението пред почетокот на израелските напади.
Поради недоволната инфраструктура, бегалците во Рафах претежно живеат во привремени шаторски населби.