– Израелската војска го повика палестинското население да се премести од северот на Појасот Газа на југ од блокираниот регион.
Во соопштението, израелската војска тврди дека припадниците на военото крило на Хамас се кријат во тунелите и под куќите, како и во зградите во кои живеат цивили во Газа.
„Градот Газа е подрачје во кое се изведуваат воени операции. Израелската војска нареди сите цивили во градот Газа да бидат евакуирани од своите домови на југ поради нивна безбедност и заштита. Оваа евакуација е за ваша безбедност“, се наведува во соопштението.
Во него се предупредуваат Палестинците во Газа да се држат подалеку од граничните огради и се наведува дека израелската војска ги продолжува операциите во Газа.
Вкупно 2,3 милиони Палестинци живеат во Газа, која е блокирана од Израел од 2007 година и која има тесно подрачје од околу 360 квадратни километри.