Израелската Армија синоќа уби Палестинец пред неговата жена и трите деца додека се возеле во автомобил во градот Џенин во северниот окупиран Западен Брег.
Видеото снимено од семејството кое стана вирално на социјалните мрежи го документираше последниот момент на Ахмед Шајеб кога бил застрелан додека возел.
Говорејќи за Анадолу, Башир Матахен, директор за односи со јавноста и медиуми во Општина Џенин, рече дека Ахмед Шајеб со семејството – сопругата и трите деца – се враќал дома кога наишол на снајперски оган на израелската Армија.
Во меѓувреме, Матахен истакна дека над 600 Палестинци побегнале од бегалскиот камп Џенин поради големиот израелски упад во Џенин.
Тој рече и дека раселените лица се во тешки хуманитарни услови без соодветни засолништа, додавајќи дека општината отворила една од своите згради за да ги вдоми.
Службеникот на општината истакна дека израелската Армија наметнува целосна опсада на Џенин и неговиот камп и ги уништува главните патишта.
Според палестинското Министерство за здравство, во вторникот во нападот на израелската војска врз Џенин убиени се 10 Палестинци, а 40 се повредени.
Во соопштението на израелската војска се вели дека операцијата во Џенин, со кодно име „Железниот ѕид“, се очекува да трае неколку дена.
Тензиите низ Западниот Брег се зголемени поради геноцидната војна на Израел на Појасот Газа, каде што се убиени најмалку 47.000 жртви, главно жени и деца, а повеќе од 110.700 се повредени од 7 октомври 2023 година.
Оттогаш, околу 868 Палестинци се убиени, а над 6.700 се повредени во оган на израелската Армија на окупираната територија, според палестинското Министерство за здравство.
Договорот за прекин на огнот и размена на заробеници стапи на сила во неделата во Газа, со што се суспендираше израелската војна на палестинската енклава.
Меѓународниот суд на правдата во јули ја прогласи повеќедецениската окупација на Палестина од страна на Израел за нелегална и побара евакуација на сите населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.