Израелска фирма за шпионски софтвер казнета со 167 милиони долари поради хакирање на ВатсАп

– Американска федерална порота ѝ наложи на израелската компанија за шпионски софтвер, Групацијата НСО, да плати повеќе од 167 милиони долари отштета за хакирање на уредите на приближно 1.400 корисници на ВатсАп (WhatsApp) во 2019 година користејќи го својот софтвер Пегасус.

Пресудата донесена синоќа по петгодишна правна битка вклучува 167,25 милиони долари казнена отштета и 445.000 долари компензаторска отштета за ВатсАп и нејзината матична компанија Мета.

Американскиот Окружен суд на Северниот округ на Калифорнија го отфрли барањето на Групацијата НСО за имунитет како приватна компанија, утврдувајќи дека шпионскиот софтвер Пегасус ги искористил слабостите на платформата ВатсАп.

Алатката Пегасус овозможила напади со „нула клик“ што можеле да инфицираат уреди без никаква интеракција со корисникот, можност што владите наводно ја користеле за следење на новинари, дисиденти и активисти низ целиот свет.

Мета ја поздрави пресудата како „прва победа против нелегалниот шпионски софтвер што ги загрозува безбедноста и приватноста на сите“.

„Одлуката на поротата групацијата НСО да плати отштета е клучен фактор за одвраќање на оваа злонамерна индустрија од нејзините нелегални дејства насочени кон американските компании и нашите корисници низ светот“, се вели во соопштението.

Доказите презентирани за време на судењето открија дека ВатсАп не бил единствена цел на НСО. Мета истакна дека иако го запрела векторот на напад што го експлоатирал системот на компанијата во 2019 година, Пегасус имал многу други методи за инсталација на шпионски софтвери насочени кон различни технологии.

Случајот започна во октомври 2019 година кога ВатсАп поднесе тужба тврдејќи дека Групацијата НСО инсталирала малициозен софтвер на некои мобилни уреди.