– Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денес во Тел Авив имаше билатерални разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.
„Премиерот Бенјамин Нетанјаху моментално одржува средба зад затворени врати со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Кирија, Тел Авив“, соопшти неговиот кабинет.
„Подоцна ќе се одржи проширен состанок со членовите на Воениот кабинет“, се додава.
Сѐ уште не се соопштени детали за содржината на разговорите.
Пред средбата, Блинкен одржа разговори со министерот за надворешни работи, Израел Кац.
„Министерот Кац упати благодарност до претседателот Џо Бајден и државниот секретар Блинкен за нивната цврста поддршка за државата Израел од инцидентот на 7 октомври. Оваа поддршка се манифестира во различни форми и средства“, се наведува во соопштението на израелското Министерство за надворешни работи.
Блинкен, во својата четврта мисија во регионот од октомври, која овој пат ја започна од Туркије, се обидува да спречи проширување на конфликтот во регионот поради израелската офанзива на Појасот Газа.
Израел започна напади врз Појасот Газа по прекуграничниот напад на палестинската група Хамас на 7 октомври. Оттогаш во израелските напади загинати се најмалку 23.210 Палестинци, а повредени се 59.167, поголем дел деца и жени.
Израелските напади ја оставија Газа во урнатини, со 60 отсто од инфраструктурата на енклавата оштетена или уништена, со речиси два милиона раселени жители, а постои и сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови.
Околу 1.200 луѓе се загинати во нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.