– Израелската авијација продолжи и во текот на ноќта со бомбардирање на блокираниот Појас Газа.
Според изјавата на очевидците, погодени се згради на институции, банки, станбени згради, објекти што ги користат палестинските оружени сили, но и стадион.
Израелската војска соопшти дека цел на нападите биле локации кои ги користи Хамас.
Во израелските најнови напади има загинати и ранети.
Медиумите во Израел објавија дека во ракетните напади врз Израел загинале 350, а повредени се 1.864 лица.
Министерството за здравство во Газа во саботата соопшти дека во израелските напади на блокираниот Појас Газа загинале 313 лица, од кои 20 деца, а 1.990 се повредени.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху синоќа најави користење на сите воени капацитети и го повика населението да ја напушти Газа.
Претседателот на САД, Џо Бајден, изрази поддршка за Израел и порача дека му наложил на својот тим константни контакти со официјалните претставници на земјите од регионот.
По вчерашниот напад на Хамас, израелската војска објави дека започнува напади на Појасот Газа со десетици борбени авиони. Во нападите во потполност се урнати станбени и деловни објекти, повеќекатници, а меѓу загинатите има и деца.