Израелски воен пилот: Војската во одреден момент спроведе „колективен Ханибалски протокол“ врз израелските заробеници
– Израелскиот воен пилот Ноф Ерез истакна дека израелската војска, во нападот на Хамас на 7 октомври, во одреден момент го спровела Ханибалскиот протокол, кој предвидува дури и убивање на свои заробеници со цел да спречи израелските цивили да бидат префрлени како заробеници во Газа.
Високиот број цивили загинати во нападот на Хамас на 7 октомври и веста во израелските медиуми дека израелските воени хеликоптери кои интервенирале во нападот пукале во цивилите, како и во припадниците на Хамас, доведоа до дискусии за тоа дали израелската војска ја спроведувала познатата доктрина Ханибалски протокол.
Во изјава за весникот „Хаарец“ на оваа тема, израелскиот воен пилот Ерез истакна дека израелските сили кои интервенирале во нападот на Хамас на 7 октомври, можеби го спровеле Ханибалскиот протокол, кој предвидува убивање и на Израелците кои се под ризик да бидат заробени.
Ерез рече дека споменатиот Ханибалски протокол бил планиран од израелската војска врз основа на настаните во Либан пред 30 години.
– „Масовен Ханибал“
Тој нагласи дека не е познато дали заложниците биле застрелани или не кога воените авиони и беспилотни летала почнале да отвораат оган на денот од нападот на Хамас.
На прашањето: „Ханибалскиот протокол е наменски и ако беше одлучено да се спроведе, тоа беше намерно направено. Доколку заробениците биле ненамерно погодени, тогаш тоа е нешто друго?“, Ерез одговори:
„Изгледа дека Ханибалскиот протокол бил спроведен во одреден момент бидејќи кога ќе откриете заложничка ситуација, тоа е Ханибал, но Ханибал што го практикувавме последните 20 години беше во врска со едно возило со заложници во него. Она што го видовме тука беше масовен Ханибал. Имаше многу отвори во оградите, имаше илјадници луѓе во многу различни возила, и со и без заложници.“
Ерез, кој бил координатор на хеликоптерската операција за евакуација на повредените за време на израелските напади врз Газа, во врска со пилотите рече: „Тоа беше мисија која беше невозможно да се дефинира и каде што не беше можно да се направи тоа што беше дозволено.“
„Знам дека кој и да ги поседувал вооружените системи, и беспилотни летала и борбени пилоти, направил сѐ што можел без да се координира со копнените сили, бидејќи овие сили (сѐ уште) не биле наоколу“, додаде Ерез.
– Разрешен откако ја критикуваше Владата на Нетанјаху –
Според вестите во израелските медиуми, Ерез бил разрешен на 31 октомври по неговите критики кон израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Портпаролот на израелската Армија на оваа тема објави дека Ерез бил разрешен откако се изразил за „политичките прашања“ додека бил во активна служба.