Израел: Во Газа има гориво, но Хамас повеќе сака да го користи за армијата отколку за болниците

Израелската армија денеска го оспори тврдењето на Агенцијата на ОН за палестински бегалци (УНРВА) дека наскоро ќе снема гориво во Појасот Газа, што се заканува да предизвика хуманитарна катастрофа.

– Колку што знам, сè уште има струја во Појасот Газа. И овој извештај е малку сомнителен, рече портпаролот на армијата, потполковник Џонатан Конрикус, коментирајќи го извештајот на УНРВА од 16 октомври.

Тој додаде дека ја информирале агенцијата на ОН за тоа каде Хамас, кој управува со Појасот Газа, набавува дизел и други видови гориво, и дека сето тоа е во палестинската енклава.

– Има доволно гориво за многу денови, за да работат болниците и пумпите за вода. Само приоритетите се различни. Хамас претпочита целото гориво да го насочува кон своите воени потреби, оставајќи ги цивилите без него, додаде портпаролот на израелската армија.

Болниците во Газа примаат само итни случаи поради стравувањата дека резервите на гориво би можеле се исцрпат во наредните часови, соопштија ОН. Претставник на Светската здравствена организација претходно за Би-Би-Си изјави дека болниците кои работат под покровителство на ОН користат генератори „на минимално ниво само за операции во случаи на пациенти кои се животно загрозени“.