Израел го повтори барањето Палестинците во Газа „да се движат само кон југ“

– Израелската војска денес го повтори своето барање Палестинците во Појасот Газа да се движат само кон југ, особено за време на четиридневната хуманитарна пауза која е во тек.

Во соопштението, портпаролот на израелската војска, Авичај Адраи, издаде „повторна и важна порака до жителите на Појасот Газа за време на периодот на привремениот прекин на воените операции.“

Жителите на Газа мора „да се движат кон југ на Долината Газа“, во средишниот дел на Појасот Газа, рече тој, предупредувајќи ги „да не се обидуваат да се движат кон север во Појасот, бидејќи тоа е воена зона“.

Адраи, исто така, предупреди дека е „забрането влегување во морето“, како и „приближување до границата меѓу Газа и Израел поблиску од еден километар“.

„Израел нема да дозволи никакво движење од јужниот дел на Појасот Газа кон север“, нагласи тој.

Израел прв пат ги повика жителите во северниот дел на Појасот Газа да се тргнат кон југ веднаш по почетокот на конфликтот на 7 октомври, и покрај предупредувањата дека таквата масовна миграција ќе доведе до хуманитарна катастрофа. Многумина го сторија тоа, надевајќи се дека југот ќе биде побезбеден, но имаше многу напади и во јужниот дел на Појасот Газа.

Новото израелско соопштение дојде во време на четиридневна хуманитарна пауза која стапи на сила во петокот, привремено стопирајќи ги израелските напади врз Газа.