Израел подготвува голем систем на пумпи за вода што би можел да ги искористи за да ги поплави тунелите на Хамас под Појасот Газа, во обид да ги протера борците на таа палестинска милитантна група од подземните лавиринти, објави денес медиумската агенција Reuters, повикувајќи се на американските медиуми.
Во средината на ноември, израелската Армија ја заврши инсталацијата на најмалку пет пумпи на околу два километри северно од бегалскиот камп „Ал Шати“, кои би можеле да испуштат илјадници кубни метри вода на час, поплавувајќи ги тунелите на палестинските милитанти за неколку недели, објави во понеделникот весникот The Wall Street Journal, цитирајќи американски официјални претставници.
Не е познато дали Израел ќе размисли за користење на пумпите пред да бидат ослободени сите заложници, кои ги држеше Хамас од почетокот на конфликтот.
Хамас претходно објави дека држи затвореници на „безбедни“ места и тунели.
The Wall Street Journal објави дека израелски воен функционер одбил да го коментира планот за поплавување на тунелите, но рекол дека Армијата работи на уништување на терористичките капацитети на Хамас на повеќе начини, користејќи различни воени и технички алатки.
Според американскиот весник, Израел ги известил САД за оваа опција минатиот месец, но во Вашингтон во моментов не знаат колку Владата на премиерот Бенјамин Нетанјаху е блиску до спроведувањето на овој план.
Според американските власти, Израел не донел конечна одлука дали ќе продолжи со овој план или ќе се откаже од него, пренесува Reuters.