Израел му претставил на Хамас предлог кој вклучува еднонеделна пауза во борбите во замена за ослободување на 40 заложници, според политичкиот аналитичар Барак Равид на Си-Ен-Ен, цитирајќи двајца израелски официјални лица и друг извор со знаење за ова прашање.
Прво објавено од Аксиос, предлогот има за цел да ги ослободи заложниците меѓу кои има жени, постари лица и оние на кои им е потребна итна помош.
„Договорот му се презентира на Хамас преку катарските посредници“, изјави Равид, пренесува Телеграф.
Мајкл Херцог, израелскиот амбасадор во Соединетите држави, потврди дека Израел е подготвен да ги прекине борбите доколку тоа значи ослободување што е можно повеќе заложници, но не потврди дали е постигнат договор.
„Мислам дека е премногу рано да се каже дали имаме или не договор, бидејќи досега Хамас одбива да склучи друг договор“, изјави Херцог за Си-Ен-Ен.
„Тие се надеваат на траен прекин на огнот, но се надевам дека под притисокот на она што го правиме на теренот, плус притисокот од Катар, ќе се согласат да направат договор, но во оваа фаза е рано да се каже. “, рече тој.
Хамас јасно стави до знаење дека нема да бидат ослободени повеќе заложници додека не дојде до прекин на огнот.
Но, како што продолжуваат дипломатските напори, хуманитарната криза се влошува секој ден. Речиси 20.000 луѓе се убиени во израелските воени акции во Газа од 7 октомври, а повеќе од 52.000 се повредени, според Министерството за здравство под контрола на Хамас.