Изјавата на Мицкоски дека официјално ќе го користи уставното име е во склад со Договорот од Преспа, велат САД
Изјавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во склад со Договорот од Преспа, изјавија за Гласот на Америка на македонски од прес-службата на Стејт департментот, на прашањето дали Мицкоски со употреба на две имиња за државата, дома Македонија, а надвор Северна Македонија, се обидува да создаде лажен впечаток дека се придржува до Договорот од Преспа.
Мицкоски, по поднесувањето на предлог-составот на владата и нејзината програма, рече дека заклетвата за премиер ќе ја даде со уставното име, како и дека уставното име ќе го користи во странство, но не и во државата.
„Изјавата на мандатарот Мицкоски дека ќе го користи уставното име на државата во сите официјални контексти е во склад со Договорот од Преспа“, изјавија од Стејт департментот.
САД ја повторија важноста да се почитува Преспанскиот договор и рекоа дека ќе работат со сите страни за да се одржат неговите придобивки.
„Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во јужна и источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од почитување на истиот и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“.
САД, заедно со Франција, ја повикаа новата влада во Северна Македонија да остане фокусирана на патот кон Европската Унија (ЕУ) и да се придржува до меѓународните обврски, согласно француско-американскиот патоказ, кој Белата куќа го објави на 8 јуни.
Грција го поврза напредокот на државата кон ЕУ со целосното спроведување на Договорот од Преспа и главно со „употребата на уставното име на земјата“.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека очекува Мицкоски да го користи уставното име на државата и за внатрешна и за надворешна употреба, објави МИА.
„Премиерот на Северна Македонија, ако од моментот кога ќе ја презеде должноста, инсистира на оваа реторика, ќе се најде во многу непријатна позиција, кога ќе се сретнеме на Самитот на НАТО“, кажа Мицотакис, нагласувајќи дека во однос на ова прашање е усогласен со ЕУ и со САД.
Собраниската седница за избор на нова влада е закажана за денес (22 јуни).
На програмата, која на 63 страници ги изнесува приоритетите на новиот владин кабинет, е потпишан Христијан Мицкоски како „мандатар за состав на Владата на Република Северна Македонија“.