Илон Маск вели дека жали за објавите за Доналд Трамп по јавниот спор

– Технолошкиот милијардер Илон Маск денес изјави дека жали за некои од објавите на социјалните мрежи што ги напишал минатата недела за американскиот претседател Доналд Трамп, по нивната јавна расправија.

„Жалам за некои од објавите што ги напишав минатата недела за претседателот Доналд Трамп. Отидоа предалеку“, напиша Маск на платформата X.

Јавниот спор меѓу Трамп и Маск избувна минатата недела откако претседателот го нападна милијардерот поради неговото противење на мерка на Републиканската партија која, според Маск, негативно ќе влијае врз буџетскиот дефицит.

Спорот брзо ескалираше, предизвикувајќи последици во Конгресот и влијаејќи на акциите на Тесла.

Во екот на тензиите, извршниот директор на Тесла објави неколку пораки на X упатени кон Трамп, вклучувајќи и една – сега избришана – во која се споменува минатото поврзување на Трамп со починатиот Џефри Епштајн. Маск дури и навести можност за основање на нова политичка партија.

„Имавме добри односи, му посакувам сѐ најдобро”, изјави Трамп во понеделникот, додавајќи дека не размислувал сериозно дали ќе одговори доколку Маск се јави.

„Претпоставувам дека сака да разговара со мене, така мислам“, додаде американскиот претседател.