– Претседателот на САД, Доналд Трамп, вчера изјави дека е отворен за можноста технолошкиот милијардер Илон Маск да ја купи платформата за кратки видеа, ТикТок.
„Би бил, ако тој сака да ја купи“, одговори Трамп на новинарското прашање во Рузвелтовата соба во Белата куќа на првиот цел ден од неговиот втор мандат на функцијата, дали е отворен за можноста Маск да ја купи апликацијата за споделување кратки видеа ТикТок.
Трамп рече дека имал средба со сопствениците на ТикТок.
„Она што размислувам да му предложам на некого е да ја купи и да даде половина на Соединетите Американски Држави. Половина, и ние ќе им дадеме дозвола. И ќе имаат одличен партнер – САД“, рече тој.
„Значи, она што го велам е, нека САД ја издадат дозволата, а САД треба да добијат половина. Звучи разумно“, додаде тој.
Трамп потпиша извршна наредба во понеделникот со која се обидува да го одложи забранувањето на популарната апликација за 75 дена.
Според наредбата, тој бара решение кое ќе ја заштити националната безбедност, а ќе ја спаси платформата која ја користат 170 милиони Американци.
„Мислам дека САД имаат право да добијат половина од ТикТок“, изјави Трамп додека потпишуваше извршни наредби по враќањето во Овалната канцеларија. Тој истакна дека ТикТок може да вреди еден трилион долари.
„Во суштина, со ТикТок, имам право да го продадам или затворам, и ќе ја донесеме таа одлука, а можеби ќе треба да добиеме одобрување и од Кина. Не сум сигурен, но сум сигурен дека тие ќе одобрат“, изјави тој.
Трамп додаде дека неговата администрација ќе работи на „заедничко вложување“ помеѓу САД и други, засега необјавени, субјекти.
„Мислам дека има многу луѓе кои би биле заинтересирани за ТикТок со САД како партнер“, додаде тој.
Во петокот, Врховниот суд на САД го поддржа законот кој предвидува забрана за ТикТок, освен ако кинескиот сопственик на апликацијата, БајтДенс, не се откаже од сопственоста.
По прекинот на услугите во неделата, ТикТок соопшти дека е во процес на обновување на услугите за корисниците во САД, откако добиле уверување од Трамп.