Илон Маск е првиот човек со нето приход од 400 милијарди долари

Американскиот бизнисмен Илон Маск стана првиот човек кој некогаш достигнал нето приход од 400 милијарди долари, објави денеска Блумберг.

Нето богатството на Маск се зголемило за околу 50 милијарди долари по инсајдерска продажба на неговиот удел во Спејс Икс, достигнувајќи 439,2 милијарди долари, според индексот на милијардери на Блумберг.

Акциите на Тесла Инц. се зголемија за околу 65 отсто во споредба со периодот пред изборите во САД во ноември, поттикнати од очекувањата дека новоизбраниот претседател Доналд Трамп ќе го поедностави воведувањето на самоуправувачки автомобили и ќе ги елиминира даночните олеснувања за електричните возила што им помагаат на ривалите на Тесла.

Во исто време, вредноста на компанијата за вештачка интелигенција xAИ на Маск е повеќе од двојно зголемена од мај, достигнувајќи 50 милијарди долари, а Вол Стрит Журнал минатиот месец објави дека победата на Трамп помогнала да се поттикне обновениот интерес за компанијата.

Претходно денеска, инвеститорите на Спејс Икс се согласија да купат акции од 1,25 милијарди долари од вработени и други инсајдери на компанијата.

Договорот, кој ја вреднува приватната компанија за истражување на вселената на околу 350 милијарди долари, го прави Спејс Икс највредниот приватен стартап во светот.

Компанијата најголем дел од парите ги заработува од договорите со американската влада, а Трамп неодамна ја пофали визијата на Маск за испраќање астронаути на Марс во говорите на кампањата и му се придружи на бизнисменот на лансирањето на Спејс Икс во Тексас кратко по изборите.

Се очекува Маск да има клучна улога во новата американска администрација, како еден од шефовите на новоформираниот Оддел за владина ефикасност, што ќе му даде авторитет и директна врска со Белата куќа, пишува Блумберг.