Милијардерот Илон Маск објави аукција на која ќе бидат опфатени дури 678 предмети од Твитер, социјалната мрежа што ја купи на крајот на минатата година за 44 милијарди долари.
Маск почна да ја ребрендира популарната социјална мрежа минатиот месец, менувајќи го нејзиното прво лого, кое сега е „Х“ наместо сина птица.
На аукцијата ќе бидат претставени предмети од седиштето на компанијата во Сан Франциско, вклучувајќи и џиновска сина птица од фасадата на зградата. Меѓу другото, на продажба ќе бидат понудени кафемати, мебел, музички инструменти, фрижидери, чешми за пиво…
Интересно е што на продажба ќе бидат понудени и две фотографии кои станаа вирални благодарение на Твитер. Едното прикажува селфи од Оскар од 2014 година на Елен Деџенерис со Бредли Купер, Мерил Стрип и Лупита Нионго, а на другото поранешниот претседател Барак Обама ја гушка својата сопруга Мишел по победата на изборите во 2012 година.