Има интерес од доктори кои работат во приватни клиники да се вратат во државните, истакна на денешната прес-конференција по повод 100 дена нова Влада министерот за здравство Арбен Таравари.
„Имаше забрана од Влада од јули или авуст 2022 година да не можат да се вработат од приватните и да преминат во јавните здравствени установи. Пред три недели помина на Влада да се тргне таа забрана и сега подготвуваме правилник во министерството за здравство. Не може сите доктори,туку само докторите што се специјалисти како фармацевти, стоматолози, но само доколку директорот на клиниката ни каже дека има потреба од тие кадри кои се докажани кои во одреден период заминале и сега гледаат надеж во јавното здравство и сакаат да се вратат. Само кај мене се јавиле околу 10-тина доктори колеги кои се врвни стручњаци во нашата држава и полека почнуваме да ги враќаме“, посочи министертот Таравари.
Според него ова е навистина добар чекор и се надева дека идната година ќе се продолжи со враќање на докторите во државните здравствени установи.
Таравари додаде и дека унапредувањето на здравствената заштита на сите граѓани било главен приоритет во изминатите 100 дена.
„За таа цел заедно со нашиот тим во континуитет сме посветени да излеземе во пресрет на потребите на пациентите и на сите чинители во здравствениот систем во Македонија. Позитивната листа мислам е најглавната работа која ја реализиравме. Се работи за 9 нови генерички лекови, односно вкупно 87 лекови во различни пакувања. Реализиравме заштеда со укинување на економските директори. По нормална процедура ја поминавме во Владата претходно потоа и во Парламентот и сега на сите клиники и во сите болници коишто имаат над 1000 вработени практично имаме по еден директор“, кажа министерот Таравари.