Има истрага за случајот со поранешниот директор на ЈП за државни патишта, вели Митева

Во истрагата е опфатена фирма за обезбедување, која според вчерашното соопштение од Oбвинителството била ангажирана за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта, а  наместо три смени, вршела обзебедување само во една смена, но затоа ја наплаќала целосната сума од тендерот.

На новинарско прашање дали државните институции и општините кои имаат склучено договори за обезбедување со фирмата ќе ги раскинат, Митева одговори дека доколку се надвор од законските прописи ќе бидат санкционирани.

„Во однос на конкретно прашање, за конкретната фирма верувам дека сите надлежни институции, коишто имаат било каква поврзаност, доколку е надвор од законските прописи веднаш истите ќе бидат санкционирани“, вели Митева.

Министерството за внатрешни работи вчера информираше дека поднело кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против пет физички и едно правно лице во врска со злоупотреби при јавна набавка за избор на фирма за физичко обезбедување на 14 наплатни станици на Јавното претпријатие за државни патишта. Кривичната пријава е поднесена против Џ.Б. (54) од Кичево, Е.Р. (56) од Тетово, Е.Љ. (61) од Тетово, М.Б. (48) од Скопје и Д.З. (39) од Тетово и против правен субјект од Кичево.