Имотот на поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и на екс премиерот Никола Груевски, вреден околу 29 милиони евра, наскоро треба да биде ставен на лицитација.
Најголем дел од имотот на Мијалков е од случајот „Империја“ и ќе се продаваат 20 станови и 8 гаражи на Водно, 2 стана во хотелот „Панорама резиденс“ на Водно и 2 стана во Охрид, потоа градежни парцели меѓу кои и парцела во близина на хотелот „Мериот“, како и деловен простор.
Имотот на Груевски првпат ќе биде ставен на лицитација меѓу кои два стана на улица „Бихачка“, три стана во „Панорама резиденс“ и плац на Водно. Засега само куќите и становите се проценети на 1,9 милиони евра, додека парцелите на Водно се проценети на околу 5,8 милиони евра и за нив се уште се чека проценка. Директорката на Агенцијата за одземен имот, Ирена Илиевска, рече дека продажбата ќе се изврши за околу еден месец по објавувањето на Правилникот во Службен весник и ќе добие одобрение од Владата.
„Имотот на Мијалков останува тој што не е продаден согласно судската одлука, околу 21,9 милиони евра, додека за Груевски имотот што има проценка за куќите и становите е околу 1,9 милиони евра, а за земјиштата, односно за една од парцелите на Водно добивме проценка, додека за другиот дел се чека проценка“, рече Бураелиевска.
Груевски деновиве во објава на својот Фејсбук профил за Заев насловена како „Шеикот од Дубаи“ вели дека нема одземен имот.
„Ниту еден имот што го поседувам не е конфискуван. Во наместена и конструирана постапка, лично во режија на режимот на Заев, им одзедоа повеќе имоти на двајца скопски бизнисмени кои под голем притисок и уцена врз нив едниот беше обвинет, другиот како сведок, но со закана дека ќе бидат обвинети, без никакви материјални докази, промет на пари, документи и слично, ги прогласија за мои“, рече Никола Груевски.
Но, кој може да купи конфискуван имот? Директорката Илиевска вели дека работат според законот кој вели кој може да го купи имотот.
„Има Закон, според тој Закон, според кој работиме, пишува кој ги исполнува условите да купи имот, така што не би можеле да ви кажеме кој може да го купи имотот бидејќи ниту ние како Агенција не знаеме. „Ова се прави преку електронска аукција, па можат да купат оние кои ги исполнуваат условите, односно оние кои ќе понудат повисока цена од почетната“, изјави Ирена Илиевска.
Инаку, пред околу една година на лицитација беа продадени три стана на Мијалков, но ги купи неговиот син Јордан за околу 300 илјади евра.