Им биле потребни само 12 секунди: Украле криптовалути во вредност од 25 милиони долари

Браќата Антон и Џејмс Пераир-Буено, студенти на МИТ, се обвинети во САД за кражба на криптовалути во вредност од 25 милиони долари за само 12 секунди, како и за перење на приходите од грабежот.

Американското Министерство за правда соопшти дека осомничените, студенти по математика и компјутерски науки, користеле високо специјализирани вештини за да влијаат на технологијата на блокчејн итриум за да ги потврдат трансакциите, јавува Би-Би-Си.

Според обвинението, тие со измама добиле пристап до нерешени приватни трансакции, а потоа ги менувале за да префрлат средства на нивните сметки.

Американското Министерство за правда соопшти дека грабежот е прв од ваков вид, а обвинителот Демиен Вилијамс рече дека начинот на кој браќата Пераир-Буено ја извршиле кражбата „го доведува во прашање самиот интегритет на блокчејнот“.

Кражбата наводно била извршена во април 2023 година за само неколку секунди со помош на најсовремена шема која браќата ја планирале со месеци.

Доколку бидат прогласени за виновни, Антон и Џејмс Пераир-Буено се соочуваат со повеќе од 20 години затвор.