– „Би сакала да соработуваме со Србија во секторот на енергетиката, земјоделството, ИТ-индустријата, медицината“, рече Мурму на прес-конференцијата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Индиската претседателка Друпади Мурму денеска во Белград порача дека Србија е традиционален пријател на Индија и истакна дека сака соработката меѓу двете земји да се продлабочи.
„Би сакала да соработуваме со Србија во секторот на енергетиката, земјоделството, ИТ-индустријата, медицината“, рече Мурму на прес-конференцијата со српскиот претседател Александар Вучиќ.
Вучиќ оцени дека двете земји го негуваат традиционалното пријателство.
„Мора да ја продлабочиме нашата политичка соработка, која е темел на економската соработка“, нагласи Вучиќ.
Мурму рече дека односите меѓу двете земји се засноваат на заемна доверба и разбирање, како и на поддршката кога станува збор за прашања од суштински интерес.
Вучиќ изрази благодарност до Индија за почитувањето на територијалниот интегритет и суверенитет на Србија, со тоа што Индија не ја признава независноста на Косово.
Претседателот на Србија наведе дека разговарале за соработка во одбранбената индустрија, земјоделството, соработката во ИТ-индустријата и во фармацијата, како и во филмската индустрија.
Додаде дека стоковата размена расте, но дека е недоволна и изнесува околу 330 милиони евра.
Вучиќ најави можност за воспоставување директен лет меѓу Делхи и Србија, и најави олеснување на процедурите за визи.
Претседателката на Индија беше пречекана со црвен тепих, построена Гарда на Војската на Србија и со интонирање на химните на двете држави.