Индија го отфрли ултиматумот на Доналд Трамп: Ќе продолжи да купува нафта од Русија

Индија ќе продолжи да купува нафта од Русија и покрај заканите за санкции од американскиот претседател Доналд Трамп, изјавија за Ројтерс два извори од индиската влада.

Покрај новата царина од 25% за индискиот извоз во САД, Трамп минатиот месец во објава на Truth Social наговести дека Индија ќе се соочи со дополнителни казни за купување руско оружје и нафта. Во петокот, Трамп им рече на новинарите дека слушнал оти Индија повеќе нема да купува нафта од Русија.

Сепак, изворите посочија дека нема да има никакви промени веднаш.

„Ова се долгорочни договори за нафта. Не е толку едноставно само да престанете да купувате преку ноќ“, изјави еден од нив за Ројтерс.

Оправдувајќи ги купувањата на нафта од Русија во Индија, друг извор рече дека увозот на руска нафта во Индија помогнал да се избегне глобален скок на цените на нафтата, кои останаа стабилни и покрај западните ограничувања врз рускиот нафтен сектор.

За разлика од иранската и венецуелската нафта, руската сурова нафта не е директно под санкции, а Индија ја купува по цена пониска од горната граница утврдена од Европската Унија.

За време на редовниот брифинг за медиумите во петокот, портпаролот на индиското Министерство за надворешни работи, Рандхир Џајсвал, изјави дека Индија има „стабилно и докажано партнерство“ со Русија.

„Што се однесува до нашите енергетски потреби, анализираме што е достапно на пазарите, што се нуди, како и каква е моменталната глобална ситуација или околности“, рече тој.

Трамп, кој го направи завршувањето на војната во Украина еден од приоритетите на неговата администрација откако се врати на функцијата оваа година, во последните недели покажа растечко нетрпение кон рускиот претседател Владимир Путин.

Тој се закани дека ќе воведе 100% царини на американскиот увоз од земјите што купуваат руска нафта, освен ако Москва не постигне голем мировен договор со Украина.

Русија е главен снабдувач на Индија, трет најголем увозник и потрошувач на нафта во светот, со околу 35 проценти од вкупните испораки.

Од јануари до јуни оваа година, Индија увезуваше околу 1,75 милиони барели руска нафта дневно, што е зголемување од еден процент во споредба со минатата година, според податоците доставени до Ројтерс од извори.

Но, иако индиската влада можеби не е вознемирена од заканите на Трамп, извори за Ројтерс оваа недела изјавија дека индиските државни рафинерии престанале да купуваат руска нафта откако попустите во јули паднаа на најниско ниво од 2022 година, кога санкциите за прв пат беа воведени врз Москва, во услови на намален руски извоз и стабилна побарувачка.