– Индонезија започна кривична истрага за наводно нелегално производство на 109 тони златни прачки во државниот рудник за злато Анека Тамбанг (Антам) во текот на 12 години.
„Осомничени се шест поранешни генерални директори на Антам задолжени за пречистување и управување со благородни метали меѓу 2010 и 2022 година“, објави денес „Џакарта глоуб“.
Обвинителите вчера го сослушаа поранешниот комесар Антам, кој беше на функцијата од април 2014 до март 2019 година, објави весникот, повикувајќи се на портпаролот на државниот обвинител Харли Сирегар.
Истражителите тврдат дека осомничените најмалку 12 години, од 2010 до 2022 година, незаконски соработувале во производство на 109 тони ковани златни прачки со логото на Антам.
Според портпаролот, обвинителите заплениле од осомничените 7,7 килограми златни прачки и испитале околу 100 сведоци.