Инстаграм наскоро нема да биде ист: Шефот на мрежата најави „рестарт“ – изберете сами дали ја сакате оваа опција (фото)
Како и сите други социјални мрежи, и Инстаграм користи алгоритам кој постојано учи за своите корисници и врз основа на нивната активност прикажува содржини за кои мисли дека би можеле да им бидат интересни. Но, со текот на годините, интересите на корисниците се менуваат и нешто што им беше интересно пред неколку месеци можеби веќе нема да им биде толку важно. Исто така, понекогаш следат одредени профили и теми само поради работа, но доколку сменат работа и таа содржина им стане неинтересна, алгоритмот сепак ќе го предложи, барем на одредено време.
За вакви ситуации Инстаграм подготвува нова опција. За почеток почнаа со тестирање, додека „наскоро“ таа опција би требало да биде достапна на глобално ниво.
Станува збор за можност за целосно рестартирање на алгоритмот, односно враќање на неговите првични поставки. Како што објасни првиот човек на Инстаграм, Адам Мосери, тоа е голема работа и не е нешто што луѓето треба често да го прават, туку само кога веќе не се задоволни од своето искуство во користењето на таа социјална мрежа. Ресетирањето ќе се однесува на содржината прикажана на главната страница на Instagram, како и на Reels и страницата Explore. Исто така, по ресетирањето на алгоритмот, корисниците ќе имаат можност да ги гледаат луѓето што ги следат на таа социјална мрежа за да можат едноставно да престанат да следат профили чија содржина повеќе не им е важна или интересна.
Сепак, корисниците на почетокот нема да бидат среќни бидејќи, откако ќе го вратат алгоритмот на почетните поставки, Instagram ќе им биде помалку интересен. Имено, Мосери вели дека алгоритмот во основа веќе нема да знае ништо за корисникот и ќе биде потребно извесно време за повторно да научи кои се неговите интереси и во каква содржина ужива, па тоа искуство со текот на времето треба да се подобри.
Инстаграм со новата опција дава уште една можност на своите корисници да имаат поголема контрола врз содржината што им се прикажува. Корисниците веќе можат да ги означат објавите што ги интересираат или не ги интересираат, за да му кажат на алгоритмот колку се интересни или неинтересни, а постои и опција да се сокријат објавите што содржат одредени зборови или фрази.