Извори од Западот, Украина и Русија укажуваат на тоа дека Москва подготвува „неминовна“ нова офанзива, соопшти американскиот одбранбен и безбедносен тинк-тенк Институт за проучување на војната (ISW), додавајќи дека тоа ја поддржува нивната оценка дека руска офанзива во наредните месеци е „најверојатниот развој на настаните“.
Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, деновиве изјави дека „нема индиции“ дека Русија се подготвува за мировни преговори и дека може да го направи токму спротивното. Тој додаде дека Москва може да мобилизира уште 200.000 војници и да продолжи да набавува оружје и муниција преку домашно производство, но и преку партнерство со Иран и Северна Кореја.
ISW потсетува на изјавата на украинскиот воен командант Иван Тимочко, кој тврди дека „руските сили ги зајакнуваат своите трупи во Донбас како дел од очекуваната офанзива“, додавајќи дека Русија „ќе биде принудена да почне нова офанзива поради се посилниот притисок на јавноста која бара победа“.
Блогерите веруваат дека главните сили сè уште не се вклучени во конфликтот
„Изјавите на Столтенберг и Тимочка ги поддржуваат претходните проценки на ISW дека руските сили создаваат услови за почнување нова офанзива во наредните месеци, можеби во регионот на Луганск“, се наведува во соопштението на ISW.
„Дополнително, руските воени блогери продолжуваат да сугерираат дека се создаваат услови во рускиот информативен простор за очекувана руска офанзива. Воените блогери споделуваат изјава дека сегашното темпо и природата на руските операции сугерираат дека најголемиот дел од силите резервирани за новата офанзивата и ветениот пробив сè уште не се вклучени во конфликти“, се наведува во оценката на Институтот за воени студии.
„Таа изјава сугерира дека руските воени блогери веруваат дека руските сили сè уште не ги активирале сите елементи потребни за одлучувачка офанзива“, се додава во соопштението на ISW.