Годишната инфлација во Романија се искачи на двегодишен максимум во август, од 7,8 проценти во јули на 9,9 проценти, откако владата ги зголеми даноците со истовремено зголемување на цените на енергијата и горивата, објави денес Заводот за статистика во Букурешт.
На месечно ниво, растот на потрошувачките цени во Романија изнесуваше 2,1 процент, пренесува „Блумберг“.
Централната банка на Романија сега очекува инфлацијата да достигне врв до крајот на годината и да надмине девет проценти, пред постепено да падне на околу три проценти до крајот на 2026 година.
Моменталната референтна каматна стапка од 6,5 проценти во Романија е меѓу највисоките во Европската Унија.
Владата во Букурешт ги зголеми даноците за да го намали буџетскиот дефицит, кој во моментов е најголем во Европската Унија и би можел да надмине осум проценти од бруто домашниот производ до крајот на годината.
Романската јавност има негативен став кон мерките за штедење, а владата успеа да преживее на почетокот на месецот по неколку гласања за недоверба иницирани од десничарската опозиција.
Економистите проценуваат дека Народната банка на Романија ќе ја задржи каматната стапка на 6,5 проценти најмалку до мај 2026 година, дури и во случај на послаб економски раст.