Информативен караван „Агенција за пошти поблиску до корисниците на поштенските услуги“ – едукативни средби во четири градови

– Од Тетово денеска почна дводневниот информативен караван насловен „Агенција за пошти поблиску до корисниците на поштенските услуги“, што ќе се реализира во вкупно четири градови во државата.

Пролетниот информативен караван во организација на Агенцијата за пошти заедно со Канцеларијата на Народниот правобранител,опфаќа едукативни средби со граѓани, студенти и претставници од бизнис-секторот, давателите на поштенски услуги во градовите Тетово, Кичево, Охрид и Битола.

– Стремејќи се да ја доближи работата на давателите на поштенските услуги пред пошироката јавност, како и да ја подигне јавната свест за начинот на користење на правата на корисниците на поштенските услуги ги почнуваме овие едукативни средби. На овие средби ги презентиравме надлежностите на Агенцијата за пошти, а главен акцент беше информирање на јавноста за остварување на законските права на корисниците, нивните обврски како и обврските на давателите на поштенските услуги. На посетителите им се даде можност да поставуваат прашања поврзани со обезбедувањето на услугите како и да информираат за евентуални забелешки поврзани со доставата, изјави Сретен Миладиноски, директорот на Агенцијата за пошти.

Покрај едукативната средба, на факултетот во Кичево се потпиша и меморандум за соработка помеѓу директорот проф. д-р Сретен Миладиноски Агенцијата за пошти и Правниот факултет во Кичево при Универзитетот „Св. Климент Охридски“-Битола, претставен од деканката проф.д-р Светлана Вељановска.

За надлежностите и за постапувањата по претставките од граѓаните, за важноста на соработката помеѓу Агенцијата и канцеларијата на Народниот правобранител пред посетителите се обратија и претставниците на локалните канцелариите, советник Вјолца Рушај во Тетово и Шкелкин Ријани во Кичево.

Информативниот караван „Агенција за пошти поблиску до корисниците на поштенските услуги“ утре продолжува со едукативни средби во Охрид и Битола.