Иранскиот претседател со порака до Египет: „Отворете го граничниот премин Рафах“

 – Иранскиот претседател Ебрахим Раиси повика на што поскоро повторно отворање на граничниот премин Рафах меѓу Египет и Газа и доставување помош за жителите на Газа.

Раиси се обрати до египетската Влада и Организацијата за исламска соработка (ОИЦ) преку платформата за социјалните медиуми X.

„Очекуваме египетската Влада и ОИС колку што е можно поскоро да го отворат граничниот премин Рафах и да достават помош за угнетените во Газа“, рече Раиси.

Газа се соочува со тешка хуманитарна криза без струја, а водата, храната, горивото и медицинските материјали се при крај.

Конфликтот во Газа, која е под израелско бомбардирање и опсада од 7 октомври, започна кога Хамас ја почна операцијата „Поплава Ал Акса“, ненадеен напад со низа лансирања на ракети и инфилтрирање во Израел преку копно, море и воздух. Хамас наведе дека операцијата е одмазда за упадите во џамијата „Ал Акса“ и зголеменото насилство од страна на еврејските доселеници врз Палестинците.

Потоа израелската војска ја започна операцијата „Железни мечеви“ кон позициите на Хамас во Појасот Газа.

Најмалку 3.785 Палестинци загинаа во израелските напади врз Газа од 7 октомври.