– Иран предупреди дека доколку продолжат израелските напади врз Газа, Техеран „ќе мора да интервенира“, објавија американските медиуми.
Според американскиот информативен сајт Аксиос, цитирајќи два неименувани дипломатски извори, иранскиот министер за надворешни работи Хусеин Амир-Абдолахијан ја пренел пораката на неговата земја за време на состанокот во Бејрут со Тор Венесланд, специјалниот координатор на Обединетите нации (ОН) за мировниот процес на Блискиот Исток.
Венесланд побарал од Амир-Абдолахјиан да помогне да се спречи ширењето на конфликтот од Газа и Израел во регионот.
Според изворите, Амир-Абдолахијан исто така рекол дека Иран не сака конфликтот да се претвори во регионална војна и дека може да помогне за ослободување на Израелците кои Хамас ги држи како заложници во Газа.
Амир-Абдолахијан, исто така, истакнал дека неговата земја има „црвени линии“ и му рекол на претставникот на ОН дека ако продолжат нападите на Израел, особено ако се започне копнен напад врз Газа, Иран „ќе мора да одговори“.
Венесланд, наводно, ги контактирал израелските власти, и израелскиот советник за национална безбедност Цачи Ханегби, и ја пренел пораката на Иран до Тел Авив.
Во писмено соопштение, иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека Амир-Абдолахијан и Венесланд се сретнале во иранската амбасада во Бејрут.
Амир-Абдолахијан, кој се состана со генералниот секретар на либански Хезболах, Хасан Насрула, како и со високи претставници на палестинските групи на отпорот, Хамас и Исламски џихад, како дел од неговите контакти во Бејрут, го повика Израел веднаш да ги прекине нападите врз Газа и рече дека „фронтот на отпорот е во готовност“.
Пораката доаѓа повеќе од една недела од почетокот на конфликтот, и во пресрет на сé неизбежната израелска копнена офанзива во Газа.
Воздушните напади врз Појасот Газа продолжуваат, а Обединетите нации (ОН) и другите меѓународни актери велат дека со израелскиот прекин на снабдувањето со храна, вода и електрична енергија за Газа и наредбата за евакуација од север кон југ се ризикува хуманитарна катастрофа за 2,2 милиони жители на Појасот.