Иран тврди дека го нападнал оперативниот центар на Мосад

Иранската револуционерна гарда соопшти дека ги нападнала израелската воена разузнавачка управа и оперативниот центар на Мосад, разузнавачката агенција на земјата, во Херцлија.

Масивни експлозии беа пријавени во централниот израелски град утрово, а фотографиите од местото на настанот покажуваат голем столб чад како се издига од зграда.

Како што пишува „Скај њуз“, на екипата на овој медиум не ѝ било дозволено да се приближи до местото, бидејќи тамошните власти рекле дека тоа ѝ припаѓа на војската, без дополнително објаснување.

Веста доаѓа откако висок ирански воен командант во вторникот предупреди дека нападите на Иран врз Израел ќе се интензивираат во наредните часови, бидејќи Иран и Израел се во петти ден од размена на оган.

Иранските медиуми, исто така, објавија дека лекарите и медицинските сестри се повикани од „одмор“ за да ги извршуваат своите должности.

Како што потсетуваат медиумите, претходно во вторникот, моќни експлозии се слушнаа над Тел Авив и Ерусалим, додека сирени за воздушен напад се слушнаа во делови од Израел, а војската предупреди за дојдовни ирански ракети.