Ирската полиција приведе 34 лица по нередите на улиците во Даблин

– Ирската полиција приведе 34 лица по нередите на улиците во Даблин што започнаа со прободување со нож на пет лица, од кои три се деца и една жена, потврди полицијата.

Во Ирска со нож избодени пет лица, од кои три деца

На улиците на Даблин доцна синоќа избувнаа нереди откако беа прободени петте лица.

Дру Харис од безбедносните служби во изјавата за новинарите рече: „Никогаш не сме виделе ваков јавен неред.“

Тој ги опиша нередите како „вонредна појава на насилство“, велејќи дека е јасно оти луѓето се „радикализирани“ преку социјалните мрежи.

„Извршени се 34 приведувања, а 32 треба утрово да излезат пред суд“, рече Харис, додавајќи дека оштетени се 13 продавници, а 11 полициски возила се или уништени или значително оштетени.

За време на нередите биле оштетени и три автобуси што Харис го опиша како „огромно уништување од бунтовна банда“.

Во нападот, кој предизвика насилни протести и нереди, тешко бее повредени петгодишно девојче и жена на 30-годишна возраст, а повредени се уште тројца, меѓу кои и осомничениот, јавуваат локалните медиуми.

Инцидентот се случил вчера попладне на „Парнел Сквер Ист“, во близина на фреквентната улица „О’Конел“. Две од жртвите, шестгодишно девојче и петгодишно момче, беа избодени со нож пред училиштето во близина.

По нападот имаше бурни реакции во близина на местото на инцидентот, по што во подрачјето почнаа да се собираат демонстранти.

Претходно полицијата соопшти дека зад насилните протести стои „целосно хулиганска фракција водена од екстремно десничарска идеологија“.

Подоцна премиерот Лео Варадкар потврди дека полицијата привела осомничен и дека се спроведува истрага.