ИСВ: Декретот на Путин за трајно затворање на ЗВО е знак за подготовки за можна голема војна против НАТО

– Обновата на Ленинградскиот и Московскиот воен округ (ЛВО и МВО) служи за двојна цел – за истовремено консолидирање на контролата врз воените операции во Украина на краток и среден рок и за правење на неопходните подготовки за можна идна целосна војна против земјите на НАТО, наведува Американскиот институт за проучување на војната (ИСВ).

Институтот потсетува дека вчера рускиот претседател Владимир Путин потпиша два декрета за официјално обновување на Ленинградскиот и Московскиот воен округ, кои ги консолидираат главните напори за обнова на руската армија.

Според аналитичарите на Институтот, „декретот на Путин за трајно затворање на Западниот воен округ (ЗВО), кој руското Министерство за одбрана го создаде во 2010 година со спојување на воените окрузи Москва и Ленинград, е знак за подготовки за можна идна голема војна против НАТО на долг рок“.

Претходно, ЗВО ги покриваше пограничните области со северо-источна Украина, Белорусија и балтичките земји, кои стратешки го поделија вниманието на округот меѓу руската воена акција во Украина по целосната инвазија во 2022 година и контрамерките на НАТО.

Затоа, како што се наведува, повторното делење на ЗВО на воените окрузи на Москва и Ленинград е директно решение за ова прашање. ЛВО ќе се протега по североисточната граница на Алијансата, а МВО ќе се граничи со североисточна Украина и Полска, дозволувајќи и на Русија истовремено да распоредува војници против земјите на НАТО и да ја оптимизира командата и контролата на своите сили во војната во Украина.

Путин претходно рече дека создавањето на ЛВО е неопходно со оглед на приклучувањето на Финска во Алијансата во 2023 година, сигнализирајќи очигледна намера од страна на Кремљ да ги постави своите трупи против земјите на Северноатлантскиот договор.

Рускиот претседател вчера го потпиша указот „За воена административна поделба“, со кој ЛВО и МВО се појавуваат во Русија, а привремено окупираните територии на Украина ќе „влезат“ во состав на Јужниот воен округ.

Воените области со центар на Москва и Санкт Петербург постоеја до 2010 година. На крајот на 2022 година, при претставувањето на планот за реформирање на армијата, министерот за одбрана Сергеј Шојгу најави намера да ги обнови.