Исламисти нападнаа полициска станица во пакистанскиот град Карачи, загинаа најмалку две лица

– Исламисти денеска нападнаа полициска станица во јужниот пакистански град Карачи, при што загинаа најмалку две лица, јави ДПА, повикувајќи се на официјални претставници. За време на нападот имало пукање и експлозии.

Исламистичката група Техрик-е-Талибан Пакистан ја презеде одговорноста за нападот во соопштението испратено од нејзиниот портпарол до медиумите. „Ова е наш самоубиствен напад. Деталите ќе ги соопштиме подоцна“, се вели во соопштението на пакистанските талибанци.

Според полицијата најмалку петмина терористи упаднале во зградата каде се сместени канцелариите на највисоките полициски службеници во градот. Во моментот на нападот во зградата имало околу 30 полицајци.