ИСЛАНД ПРОГЛАСИ ВОНРЕДНА СОСТОЈБА! Повеќе од 1.000 земјотреси ја потресоа земјата, а се очекува и ерупција на вулканот

Властите во Исланд прогласија вонредна состојба по серијата силни земјотреси што го погодија југозападниот полуостров Рејкјанес, што укажува на зголемена веројатност од вулканска ерупција во регионот.

Началникот на полицијата прогласи вонредна состојба за цивилна одбрана поради интензивна земјотресна активност северно од Гриндавик“, соопшти Одделот за цивилна заштита и управување со вонредни состојби, пренесува весникот The Guardian.

Полициските власти ги повикаа жителите на крајбрежниот град Гриндавик да се евакуираат. Во соопштението во петокот, Aгенцијата за цивилна заштита на Исланд порача дека формирањето на магма може да стигне до Гриндавик. Но, од петокот вечерта, исландските власти рекоа дека е невозможно да се каже дали и каде магмата би можела да избие на површината.

„Blue Lagoon“, Исланд

Земјотресите може да станат посилни од оние што веќе се случиле, а оваа серија настани може да доведе до ерупција. Сепак, сè уште нема знаци на приближување на магмата до површината. Нејзиниот напредок внимателно се следи“, објави Агенцијата за цивилна заштита на Исланд.

Повеќе од 1.000 земјотреси се регистрирани во областа во изминатите 24 часа поради вулканска активност.

Патем, полуостровот Рејкјанес е вулканско и сеизмичко жариште југозападно од главниот град Рејкјавик. Во март 2021 година, имаше ерупција во вулканскиот систем Фаградалсфјала, а вулканската активност продолжи шест месеци. Во август 2022 година, во истата област се случи тринеделна ерупција. И ова лето, во јули, по интензивните земјотреси, дојде до ерупција на вулканот.