Исмаил од Левица до Бендевска: Транзициски профитер со истрошена идеологија нема лице да расправа за човекови права

На вчерашната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, „на која пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ се обидоа да ја саботираат закажаната Надзорната расправа во врска со аерозагадувањето“, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, на пратеничката Весна Бендевска која тврдеше дека Постојаната анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот е несоодветна за расправа за чистиот воздух, ѝ се обрати со „транзициска профитерка“ која нема лице да расправа за човекови слободи и права.

„Вие апсолутно не знаете зошто ја свикавте оваа Комисија. Вие сакате само да ја саботирате закажаната Надзорна расправа за загаденоста на воздухот на Постојаната анкетна комисија“, започна пратеникот Реџеп Исмаил од Левица.

„Ние не можеме поганите дела поинаку да ги условиме, освен со погани соодветни зборови. Како другачие очекувате вие да ја констатираме фактичката состојба на делата на криминалците? Или треба ние нив да ги претставиме како Том и Џери, само за да избереме зборови коишто Вас не би Ве навредиле?! За да не ве навредат, треба да престанете да ги правите тие дела. Во крајна линија, за делата одговараме! Делата се тие коишто ја креираат оваа состојба. А кои се тие дела? Не може од Министер за животна средина, којшто Чаир ја направи најпрљавата општина, да има дела коишто ќе допринесат за чистиот воздух. Како треба да го наречеме него?“, продолжи тој.

„Свикана е Постојана анкетна комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот. Почитувана колешке Бендевска, поради тоа што е за ‘слободите и правата на граѓанинот’. Слободите не можете да ги ограничите ни со Закон. Зошто спорите дека оваа тема е несоодветна за оваа комисија? Затоа што сте транзициска профитерка, побегуља од социјал-демократска партија во десница и тоа е доказ дека немата поим од идеологија. Колешке Бендевска, чистиот воздух е иманентно човеково право!“, заклучи пратеникот од редовите на Левица.

„Јас со 20 други пратеници сум побарал да има анкетна комисија, и од таму тој е должен да ја свика. Тој ако ви удоволи Вас, тогаш мене ќе ми прекрши право. Ние на Надзорната расправа сакаме да покажеме дека чистиот воздух е обврска на државата и да го повикаме на одговорност не само Меџити, туку и другите службеници коишто имаат обврска да се грижат за јавниот воздух, а тоа не го прават. И оние коишто го загадуваат и оние кои не го казнуваат тоа. Ние сакаме да ја повикаме државата и нејзините институции на почитување на нивната обврска“, истакна пратеникот Реџеп Исмаил на вчерашната комисиска седница.