ИСПУКАНИ КУЌИ, ОШТЕТЕНИ КРОВОВИ: Нови податоци за материјални штети по силниот земјотрес во Црна Гора

Претседателот на месната заедница Крстач, Драгољуб Манојловиќ за „Вијести“ изјави дека во Голија каде што бил епицентарот на земјотресот кај селото Чараѓе е причинета поголема материјална штета.

„Се сруши плевната на Миладин Манојловиќ, а секое село на Голија ми се јавува да каже дека им се распукани куќите и плевните, дека има многу оштетени покриви. На патот Никшиќ – Крстач има неколку одрони“, рече Манојловиќ.

Поради свлечиштето, кое беше предизвикано од земјотресот, патот кон граничниот премин Крстач беше затворен за сообраќај до раните утрински часови. Мештаните го расчистија патот за да можат да поминат полицајците. Одрони имаше и на неколку делници од локалниот пат во Голија.

Во Голија постојано живеат околу 130 домаќинства.

Да потсетиме, земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала ја потресе територијата на Црна Гора во 04:06 часот.

Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора соопшти дека земјотресот бил со јачина од 5,4 степени, а епицентарот бил на пет километри од градот Чараѓе во општина Никшиќ. Фокусното место беше на длабочина од 14 километри.