Историската и шокантна најава на Трамп: „САД ќе го преземат Појасот Газа“, „Палестинците треба трајно да бидат раселени“
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе го „преземат“ Појасот Газа, опишувајќи ја неговата визија за областа како „Ривиера на Блискиот Исток“.
„САД ќе го преземат Појасот Газа и ние ќе направиме се што треба да се направи“, рече Трамп на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, пренесе Си-Ен-Ен.
Тој нагласи дека областа ќе се развива со помош на економски проекти.
Трамп најави дека САД ќе бидат одговорни за отстранување на опасните неексплодирани бомби и оружје, како и за обнова на уништените згради.
Американскиот претседател не ја исклучи можноста за испраќање американски војници за обезбедување безбедност, нагласувајќи дека САД ќе ги преземат сите неопходни чекори за стабилизирање на регионот.
Трамп го повтори својот предлог за трајно раселување на Палестинците, нагласувајќи дека тие треба да се преселат во други арапски земји, како Јордан и Египет, и дека Газа во моментов е „само урнатини“.
Планот на Трамп наиде на остри критики, особено од Хамас, кој ги обвини САД дека се обидуваат да ги протераат Палестинците од нивната територија.
Високиот функционер на Хамас, Сами Абу Зухри, вчера изјави дека коментарите на американскиот претседател Доналд Трамп за раселувањето на Палестинците од Појасот Газа се „рецепт за хаос“, објави „Гардијан“.
Претходно вчера, во обраќањето пред новинарите во Белата куќа, американскиот претседател рече дека Палестинците од енклавата „немаат алтернатива“ освен да ја напуштат откако ќе биде уништена во израелските воени напади, тврдејќи дека Палестинците ќе бидат „воодушевени“ да го напуштат Појасот Газа.
Тој додаде дека би сакал да се постигне договор за трајно раселување на Палестинците од таа енклава.
Тој исто така изјави дека временската рамка од три до пет години за обнова на Појасот Газа, наведена во договорот за прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, не е остварлив повоен план.
Египет, Јордан и други арапски земји ги отфрлија повиците на Трамп за преселување на 2,3 милиони Палестинци на нивните територии.