Истражувањата покажаа: Јадењето јаткасти плодови делува како заштита од многу болести

Јаткастите плодови се познати по многубројните здравствени придобивки што ги носи нивното редовно консумирање, а тоа го покажале и многу научни истражувања.

Постојат многу видови на јаткасти плодови и нивни мешавини, како што се бадеми, ф’стаци, индиски ореви, ореви, лешници, а сите тие содржат многу хранливи материи.

Јаткастите плодови содржат многу витамини и минерали и се извор на АЛА омега-3 масни киселини, кои делуваат како заштита од Алцхајмерова болест, деменција и помагаат во намалување на ризикот од ревматоиден артритис.

Нутриционистите советуваат дека јаткастите плодови треба редовно да се внесуваат во исхраната бидејќи можат да помогнат и за слабеење поради фактот што по консумирањето на јаткастите плодови се чувствувате подолго сити. Според истражувањата, луѓето кои редовно јадат јаткасти плодови имаат помал ризик од дебелеење.

Научниците од „Harvard TH Chan School of Public Health“ препорачуваат редовно консумирање на јаткасти плодови за да помогне во контролата на дијабетесот. Истражувањата покажаа дека луѓето со дијабетес тип 2 кои јадат повеќе од пет порции јаткасти плодови неделно го намалуваат ризикот од срцеви заболувања за 17 проценти.

Исто така, откриено е дека јадењето јаткасти плодови може да ја намали инциденцата на срцеви заболувања и срцеви удари. Јаткастите плодови помагаат и во намалување на ЛДЛ холестеролот и триглицеридите во телото. Подобрените нивоа на холестерол се поврзани со помал ризик од мозочен удар и кардиоваскуларни болести.

Тие се посебен извор на витамин Е, кој помага во спречување на рак и остеопороза, а содржат и фолна киселина, магнезиум, калиум, калциум и фосфор.

За да ги вклучите во исхраната, се препорачува да ги користите во текот на денот како ужина, особено попладне кога се намалува енергијата. Покрај тоа, тие можат да се користат како адитиви во јадења и пијалоци како што се салати, шејкови и пасти.