Италијански министер поднесе оставка поради љубовницата- ја назначил за советничка

Санџулијано, 62-годишен поранешен новинар, се соочи со медиумско лудило откако самопрогласената модна претприемачка Марија Росарија Боча минатиот месец објави дека е назначена за „советник на министерот за големи настани“.

Министерството за култура првично негираше такво назначување, но Санџулијано подоцна објасни дека се согласил да ја вработи како неплатен консултант пред да се премисли поради конфликт на интереси.

„Верувам дека е неопходно за институциите јас да поднесам оставка“, напиша Санџулијано во своето денешно писмо до премиерката, бранејќи ја неговата постапка и негирајќи какво било прекршување на министерските правила.

Во емотивното ТВ интервју во средата, Санџулијано призна дека Боча е негова љубовница, извинувајќи им се на сопругата и на Џорџија Мелони и додаде дека премиерката ја одбила неговата прва понуда за оставка.

Случајот доминираше во насловите и привлече споредби со минатите секс и политички скандали, вклучувајќи ги и злогласните ноќни забави „бунга бунга“ организирани од поранешниот италијански премиер Силвио Берлускони.

Мелони брзо го избра Алесандро Џулио, шеф на римскиот музеј за современа уметност MAXXI, за нов министер за култура кој вечерва положи заклетва.

Тоа е прва министерска смена во нејзината десничарска влада, која функционира солидно во последните две години, со висок рејтинг на одобрување и наспроти поделената опозиција.