Најмалку 21 лице го загуби животот во поплавите предизвикани од циклонот Борис во Централна Европа, а силно невреме сега и се заканува на Италија, каде е пронајдено телото на пожарникар кој исчезна во поплавата.
Во поголемиот дел од Италија се издадени предупредувања за силен дожд, ветрови и поплави, јавува Би-би-си.
Веќе има извештаи за поплави во Пескара во централна Италија, додека италијанската метеоролошка служба предупредува дека невремето ќе го погоди северниот брег на регионот Емилија-Ромања.
Рано утринава во јужната италијанска провинција Фоџа е пронајдено тело на пожарникар откако возилото со кое управувал било однесено од поплава, јавува денеска АНСА.
Пожарникарот бил член на тимот кој им помагал на мотоциклистите заглавени во невремето на автопатот меѓу Сан Северо и Торе Маџоре.
На поплави во наредните денови предупредуваат и властите во Хрватска, Унгарија, Словачка и Полска.
Стапи на сила указот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за заштита од поплави, со кој се наредуваа координирани мерки за заштита на целата територија на Унгарија, а Орбан денеска изјави дека во тек е најтешката фаза на заштита, која се очекува да трае до следниот четврток.
Волонтерите и службите за итни случаи работеа синоќа на зајакнување на заштитата на полскиот град Вроцлав од бранот поплава кој се приближува до областа, пренесува Ројтерс.
Полскиот премиер Доналд Туск на состанокот на Кризниот штаб во Вроцлав изјави дека е важно што поскоро да се испратат информации до надлежните служби од местата каде што ќе стигне бранот поплави.
Тој изјави дека градовите јужно од Вроцлав се веќе поплавени.
Повеќе од 5.000 војници се распоредени да им помогнат на луѓето во јужна Полска, вклучително и 40.000 жители евакуирани од градот Ниса.
Во областа од Романија до Полска, поплавите донесоа кал и отпад во градовите, уништувајќи мостови, потопувајќи автомобили и предизвикувајќи голема материјална штета на домаќинствата, кои се проценуваат на неколку милијарди долари.
Во Чешка, водостоите претежно опаѓаат, но реките сè уште имаат висок водостој во некои делови на јужна Бохемија.
Во најпогодените области, локалните жители и службите за итни случаи расчистуваат дел од железничката линија од Прага до Острава, која е дел од маршрутата Виена-Варшава, а се уште не е во функција.
Најлошите поплави што ја погодија централна Европа во најмалку две децении погодија делови од Полска, Чешка, Романија и Австрија, при што загинаа најмалку 21 лице.