Италија повика на заедничко европско решение за миграцијата преку Медитеранот

Протокот на мигранти кон Лампедуза се намали вчера и италијанските власти почнаа оттаму да префрлаат на островот Сицилија и континентална Италија илјадници луѓе кои пристигнаа преку Медитеранот на малиот италијански остров, пренесуваат светските агенции.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони рече дека миграцискиот притисок врз Италија е неподнослив поради тешката меѓународна ситуација, сумирајќи ги проблемите со кои веќе се соочуваат африканските земји со зголемена нестабилност, особено во Сахел.

Мелони ја опиша ситуацијата таму како тешка поради државните удари, природните катастрофи, војната и џихадизмот, што може да доведе десетици милиони луѓе да сакаат да ги напуштат своите земји и да бараат подобра иднина во Европа.

„Очигледно е дека Европа не може да ја прифати оваа огромна маса луѓе“, предупреди Мелони.

Таа ја покани претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен да го посети островот Лампедуза за да дознае каква е состојбата со мигрантите. Брисел веќе испрати 15-член технички тим во Лампедуза за да им помогне на италијанските власти.