И Канада го забранува TikTok за државните службеници

Овој потег доаѓа неколку дена откако Европската комисија воведе слична забрана за кинеската апликација.

Канада ја забрани кинеската апликација TikTok од официјалните телефони на државните службеници.

Одлуката е донесена во интерес на безбедноста на податоците, откако интерната анализа покажа дека методите на собирање податоци на TikTok ги прават корисниците ранливи на сајбер напади.

Овој потег дојде неколку дена откако Европската комисија воведе слична забрана, пренесува Танјуг, повикувајќи се на Ројтерс.

Заладените односи меѓу Канада и Кина

Канадските федерални и провинциски регулатори за приватност заеднички ја истражија апликацијата, во услови на зголемена загриженост за собирање и откривање податоци.

Потегот на Канада дополнително ќе ги заостри односите со Кина, кои беа затегнати во последниве години од различни причини, особено поради обвинувањата на Отава дека Кина се обидела да влијае на изборите во земјата, како и активностите за воздушно и поморско набљудување.

Пекинг ги отфрли обвинувањата и ја повика Отава да престане со „неоснованите шпекулации и клевети“.