– Американскиот глумец Чарли Шин, се чини, се помирил со продуцентот Чак Лоре, создавачот на „Два и пол мажи“ кој го отпушти сред таа култна серија.
Според наводите, Шин добил улога во претстојната хумористична серија во подготовка – „Како да се биде обложувач“ (How to Be a Bookie), што ќе се емитува на стрим-сервисот „Ејч-би-о макс“. Серијата, создадена од Лоре, а во која глуми комичарот Себастијан Манискалко, беше најавена лани во октомври и првично ќе има осум епизоди.
Шин, инаку, глумеше во исклучително популарната серија „Два и пол мажи“, што Лоре ја создаде заедно со Ли Аронсон. Комичарот тогаш беше еден од најплатените ТВ-глумци, но поради несоодветното однесување на Шин, цела низа скандали, тепачки со продуцентите и борба со зависноста, режисерот Лоре реши „да го убие“ неговиот лик и да го отстрани од серијата.