Каевски: Да седнеме и да разговараме за продолжување на европскиот пат, Митева: СДСМ да каже кој предлог на ВМРО-ДПМНЕ го прифаќа
Не е време за ТВ дуели, туку е време е да се седне, да се разговара и да се изнајде начин како да се продолжи она што застана кај лидерската средба, изјави вечерва пратеникот и портпарол на СДСМ, Дарко Каевски во дебатата со членката на ИК и портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева во емисијата „Само вистина” на Канал 5.
– Ги слушнавме променетите ставови на Христијан Мицкоски и на ДПМНЕ и ги поздравивме и токму во таа насока, потребно е ДПМНЕ да номинира членови на работната група кои ќе разговараат за сите детали за конкретните чекори кои ќе следат, но и како да го продолжиме европскиот пат, што и е потребен на државата, рече Каевски,
Тој порача дека час поскоро треба да продолжат разговорите и заеднички власта и опозицијата да дојдат до соодветно решение, кое ќе значи продолжуваме не европскиот пат и гласање на уставните измени во Собранието.
Митева, возврати дека ако СДСМ сакал дијалог во изминатиов период имал можност да одлучи кој од предлозите на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги прифати, но тоа што не даваат одговор кажува дека не сакаат решение.
– Предложивме да бидеме дел од работни групи на пет ресори, меѓу кои работна група за интеграција на Македонија во ЕУ. Имаше прес-конференција претседателот Мицкоски, за десетина минути беше одбиен предлогот. Ако сакале национално единство и еден став на заштита на македонските национални интереси немаше веднаш да го одбијат предлогот. Сакаа сами да го водат процесот и видовме до каде не донесоа, рече Митева,
Таа додаде дека вториот предлог бил примена на хрватскиот модел на Уставот, а третиот е сегашниот – уставни измени со одложено дејство и влада без ДУИ или веднаш на избори, па оној кој ќе биде поразен да ја поддржи владата, да „обезбедиме економски пакет и гаранции кои ќе значат заштита на македонскиот идентитет“.
– Немањето на одговор на сите понуди покажува дека тие не сакаат решение, нагласи Митева.
Според нема, ВМРО-ДПМНЕ не го променила ставот во врска со уставните измени
– Јасно и гласно потврдуваме дека уставни измени под бугарски диктат и под овие околности ВМРО-ДПМНЕ не прифаќа. Од почетокот ставот е непроменет, истакна Митева.
Според Митева, Владата на прес-конференција соопштила дека амандманите на Уставот се завршени и дека се чека да ги предложи во Собранието.
– Ако е завршен тој процес, зошто Владата нѐ го препрати до Собранието и нѐ се закаже седница и нека се провери веродостојноста на тоа што го зборуваме ние веќе десетина дена кој променил ставови, кој не променил ставови. Од власта нека покажат дали имаат 80 пратеници или имаат повеќе од 80 пратеници, рече Митева.