Казни до 10 илјади евра за трговците за непочитување на обврската за објавување цени на веб-страниците
Од денеска трговците се обврзани секојдневно да ги објавуваат продажните цени на производите. Цените треба да се објавуваат на нивните веб-страници во посебен дел и да се ажурираат секојдневно до 10:00 часот.
Министерот за економија Бесар Дурмиши вели дека трговците имале доволно време да се прилагодат на оваа нова законска обврска и дека тоа е во интерес на граѓаните. Законската обврска важи за сите трговци, освен за оние со до 10 вработени.
„Транспарентноста треба да биде поголема од страна на пазарите, граѓаните да знаат каде да ги трошат парите и кои цени се поевтини. Мора да излеземе во пресрет на граѓаните. Ова е закон кој ги опфаќа големите синџири на супермаркети и тие имаат капацитет и своја веб-страница и можат да ја спроведат оваа законска мерка“, вели Дурмиши.
Во однос на барањето на Комората на трговци на големо и мало, главно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун, за продолжување на рокот за спроведување на одлуката, министерот Дурмиши планира да се сретне со нив следната недела.
Казните за непочитување на законските обврски се движат и до 10 илјади евра, додека министерот Дурмиши најавува дека инспектори од Пазарниот инспекторат ќе вршат теренски контроли.
Обврската за објавување на продажните цени на производите произлегува од измените на Законот за заштита на потрошувачите кои беа објавени во Службен весник на 4 март, додека Министерството за економија ја подготви Уредбата за начинот на објавување на цените на стоките.