Каква ноќ во Сараево: Илјадници луѓе плачеа и пееја за Халид (фото/видео)

Илјадници луѓе се собраа синојка пред Младинскиот центар за да му оддадат почит на саканата легенда на народната музика Халид Бешлиќ, кој почина на 72-годишна возраст.

Емоциите беа силни и искрени, свеќи, солзи, песна и тишина беа испреплетени во незаборавното збогување што Сараево го подготви за човекот кој со децении обединуваше генерации.

На платото беа поставени фотографија и транспарент од Халид Бешлиќ, пред кои граѓаните палеа свеќи и тивко изговараа зборови на благодарност.

На присутните им се обрати и новинарката Емела Бурџовиќ, која повика на достоинствено испраќање на човекот кој ја одбележа музичката и културната сцена на Босна и Херцеговина.

Потоа следеше акапела изведба на рефренот на „Prvi poljubac“ во изведба на хорот „Алегро“, при што многу присутни не можеа да ги задржат солзите.

Во текот на вечерта, од бината поставена пред Домот на млади, во чест на Халид пееја пејачите од БиХ Денил Ахметовиќ и Шуки Плањанин, а беа изведени и неговите безвременски хитови: “Romanija”, “Miljacka”, “Sarajevo grade moj”, “Dvadesete”, “Ljiljani”, “Požuri”, “Rajske ptice”, “Malo je malo dana”, “Robinja”, “Ja bez tebe ne mogu da živim” и други.

На настанот присуствуваше и синот на Халид, Дино, кој не можеше да ги скрие солзите. Сепак, за многумина, песната вечерва не можеше да ја надмине тагата – многумина дури и не се обидоа да ја отпеат, туку само молчеливо гледаа.

Транспарентите што ги донесоа граѓаните предизвикаа посебна емоција, а еден од нив, со пораката „Биди како Халид“, ги допре сите присутни, потсетувајќи ги на човек кој остана скромен, достоинствен и сакан до својот последен ден.

Сараево вечерва му оддаде почит на својот Халид – на начин што само Сараево знае. Во тишина, со солзи, песна и големо срце.