Витаминот Ц е еден од најважните хранливи материи во нашето тело бидејќи игра клучна улога во одржувањето на нашето здравје.
Иако често се препорачува кога имаме настинка , витаминот Ц за нашето тело е многу повеќе од само „лек“ за настинка. Недостатокот може да се манифестира на различни начини низ целото тело, а препознавањето на овие предупредувачки знаци е клучно за рано откривање и интервенција.
Замор и слабост
Витаминот Ц игра клучна улога во способноста на телото да произведува и користи енергија. Тој помага во претворањето на храната во енергија преку учество во синтезата на карнитин, молекула неопходна за транспорт на масни киселини до митохондриите, каде што се согоруваат како гориво.
Ако често се чувствувате уморни или слаби, тоа може да биде знак дека производството на енергија во вашето тело е нарушено поради недоволно ниво на витамин Ц.
Чести инфекции
Овој витамин е познат по своите својства за зајакнување на имунитетот . Тој ја поддржува продукцијата и функционирањето на белите крвни клетки, кои се клучни за борба против инфекции. Честите настинки, респираторни инфекции или бавното закрепнување од болести може да укажуваат на ослабен имунолошки систем поради недостаток на витамин Ц.
Бавно заздравување на рани
Колагенот е клучен протеин за заздравување на раните, поправка на ткивата и одржување на здравјето на кожата, крвните садови и коските, а за да биде ова можно, потребен е витамин Ц, инаку неопходен за синтеза на колаген.
Крварење на непцата и проблеми со забите
Витаминот Ц, исто така, помага во одржувањето на оралното здравје со зајакнување на слузницата и заштита од заболувања на непцата. Доколку имате крварење на непцата, чести чиреви во устата или лабави заби, овие орални проблеми може да бидат поврзани со неговиот недостаток, пишува Klix.ba.
Проблеми со кожата
Груба, сува или предвремено стареечка кожа, како и зголемената подложност на изгореници од сонце, можат да бидат индикатори за недостаток на витамин Ц. Тој е важен за здрава кожа бидејќи го стимулира производството на колаген и делува како антиоксиданс што ја штити од загадување и УВ зрачење.
Болка во зглобовите и мускулите
Интересно е што витаминот Ц придонесува за формирање на сврзно ткиво во зглобовите и мускулите. Затоа, необјаснетата болка во зглобовите, болката во мускулите или вкочанетоста може да бидат поврзани со недоволно ниво на витамин Ц.
Исто така, отечени, болни зглобови или дијагноза на артритис може да укажуваат на негов недостаток.